Home / Uncategorized / Козметички промени во врвот на ВМРО ДПМНЕ

Козметички промени во врвот на ВМРО ДПМНЕ

Промени, но и изненадувања во новиот состав на Извршниот комитет на ВМРО- ДПМНЕ. Од  врвот на партијата си одат долгогодишните членови и блиски соработници на Никола Груевски. Сите кои заминуваат се опфатени во истраги на СЈО.

Од партијата официјално велат дека промените се поради истечениот мандат, но според неофицијални информации, станува збор за промени поради истрагите на СЈО. Од извршниот комитет, си заминуваат токму оние против кои се водат најкрупните и најголемиот број случаи на СЈО – Миле Јнакиески, Горадана Јанкулоска, Мартин  Протуѓер, Владимир Пешевски.

Иако се водат истраги и против пратениците Илија Димовски, Даниела Рангелова и Антонијо Милошоски, тие остануваат на своите функции, заедно со партискиот  лидер Никола Груевски, против кого се водат дури и судски процеси. Иако и самиот Сашо Мијалков наведе дека се повлекува од функцијата поради судските процеси кои се водат против се додека не се добие разрешница, од ВМРО- ДПМНЕ тврдат дека промените не се поврзани со истрагите.

„Не, не е точно. Пред седницата на Централниот комитет за лицето за коешто мислите, си даде сам своја изјава Нашата партија дава шанса и можност и на нови членови, не само на старите“, изјави Дафина Стојаноска – ВМРО- ДПМНЕ.

Владејачаката СДСМ пак оценува дека за опозицијата да покаже дека навистина е насочена кон реформи, би било најдобро да ги смени на челните позиции, односно лидерот на партијата, Никола Груевски.

„Човекот којшто за десетгодишно владеење  како премиер ја направи Македонија заробена држава и човекот кој во најголем дел ја спои партијата со државата заради што бевме критикувани од сите релевантни европски институции не може да ја демократизира својата политичка партија“, вели Благој Бочварски, Потпретседател на СДСМ.

За нов генерален секретар, партијата го избра директорот на ЕЛЕМ, Христијан Мицковски. Тој ја чека неговата смена на позицијата во државното претпријатие, по што ќе стапи на партиската функција. Мицковски доаѓа на местото на Емил Димитриев, кој четири години беше генерален секретар на партијата.

Од претходниот состав на Извршниот комитет, по синоќешниот состанок, останува поранешниот министер за финансии, Зоран Ставревски. Иако против него не се води истрага, тој остана запаметен, како еден од главните ликови во „бомбите“ на СДСМ, на кои честопати можеше да се слушнат неговите ставови спротивни на лидерот на партијата Никола Груевски.

Останува и Никола Поповски, кому пак, токму сегашниот премиер Зоран  Заев во своето експозе од собраниската говорница му му порача дека начинот на кој се однесува во Собранието говори и дека ќе биде конструктивен како лидер на опозицијата.

На местата на долгогодишните челници на ВМРО- ДПМНЕ, ќе се сместат, пратениците Ане Лашкоска и Зеќир Рамчиловиќ. Но со партијата раководат и лица како историчарот Никола Србов, еден од основачите на здружението „Стоп Операција Сорос“, но и еден од предводниците на протестите кои завршија со крвавиот упад во собранието, Богдан Илиевски, познат во јавноста како Бетмен.

Освен нив, „освежувањето“ во партијата ќе се направи со уште 15 други, не толку, звучни имиња. На листата која ја објави пратеникот Милошоски, наведени се имиња на спортисти, историчари, портпароли, но и лица за кои е наведена само општината од која доаѓаат.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*