Home / Uncategorized / Крај на последната надеж

Крај на последната надеж

                            

          Кога пред нешто повеќе од 4 години во Пржино, по договор на сите релевантни политички лидери, како на власта така и на опозицијата консензуално беше постигнат договор да се формира СЈО и Катица Јанева да биде специјален јавен обвинител,  сите посмилија дека има надеж  за нашата држава, која во тоа време сеуште се викаше Република Македонија.

          Иако во тоа време лично изразив скепса за големите очекувања на народот од Катица, бидејќи како што напишав тогаш и таа дотогаш беше дел од тоа непрофесионално, корумпирано, лукретативно,  партизирано (право)судство, сепак помислив дека овој  толку пати разочаруван народ, има право на надеж.

          Денес  4 години подоцна, по случајот “Рекет”  и смената на Катица Јанева мислам дека обичниот македонски граѓанин, без разлика на која  нација, или вера му припаѓа, ја изгуби и последната надеж дека  Македонија може да биде држава  во која луѓето можат да живеат од својот труд, знаење, квалитети, трудољубивост.

           Без разлика како ќе заврши оваа  афера, сепак едно мислам дека на сите треба да ни биде јасно, дека по случајот “Рекет” Македонија веќе не е ни банана држава и дека не само на Заев, туку и на сите политички  лидери и државници, како и институции во државата ќе им треба уште  многу време труд и работа да ја вратат  довербата кај народот.

          Оваа афера ги потврди сознанијата дека во Македонија се е гнило, како во политиката, во бизнисот.правосудството, новинарството, културата, страдата, спортот.

          Фрустирачко е сознанието дека целиот општетсвен живот ни е гнил, дека корупцијата е ендемска и ја има насекаде па дури и во СЈО.

          По случајот “ Рекет” од својата (не)одговорност не може да се амнестира и премиерот Зоран Заев, кој со целиот свој кредибилитет застана  зад СЈО и Катица Јанева, а и телевизијата на “ Боки 13”, кој на јавноста му беше претставен како медиумски магнат, кој  на овие простори во медиумската сфера ќе ги внесе професионалните стандарди во новинарството.

          Случајот со Катица Јанева покажа дека по секое големо очекување доаѓа и до големо разочарувања.

          По аферата “ Рекет “  Македонија тешко дека ќе дојде во ситуација на “ тамј брејк “ и дека за брзо време ќе ја врати надежта на граѓаните.

          Граѓаните во државата во моментот се во колективна депресија, која се шири како епидемија и како што ни изјави еден наш читател лесно може да премине во колективна шизофренија.

 Ни најголемите песимисти и критичари, не само од власта, туку и од опозицијата, не очекуваа ваков расплет на настаните и дека најмоќната и “најчесната “ жена во државата, Катица Јанева така неславно ќе заврши.

          Иако сите во моментот викаат “ Нека виси Катица “, сепак во ситуација кога многу работи околу аферата “ Рекет “ не и се познати на јавноста  неблагодарно е да се распне на крст само Катица Јанева.

          Но таа сноси огромна вина затоа што со вработувањето на нејзиниот син во 1 ТВ, си фати работа со контраверзниот “ Боки 13” и што мислеше дека неа никој ништо не и може во државата и што од СЈО направи институција која наместо беспоштедно  да се бори против криминалот да му кумува на криминалот.

          Контраверзниот “ Боки 13”, кој има искуство од реалните шоу програми во “Фарма”, а кој во животот научил едноставно безмислосно да троши туѓи пари и како искусен реалити играч, од Македонија направо “Фарма”, во која тој успеа да ги внгезди сите моќни  луѓе, од кои имаше, или планираше да  огромна има корист.

          Поддавајќи им за наши услови големи хонорари на новинарските “петли “ Чуму, Борјан, Ордановски,  тој  во “ фармата”  ги пикна сите кои со своите  “кокодакања” можеа да му ја подигнуваат цената на “рекетот”.

          Користејќи ја блискоста со Катица, преку незјиниот  син, задолжен за маркетинг, величината на големите  лажни новинарски пера, и поддршката од власта, Боки 13, сам себеси си ја додели улогата на Катица, дека тој е тој кој ќе каже кој ќе оди в затвор, а кој не, и кој колку ќе плати за својата слобода.

          На таквата негова улога и особено по големата промоција на неговиот  “ Инсајдер”  се навлекоа сите “тајкуни “ кои на сомнителен начин стекнале огромни богатства, а кои имаа(т )путер на главата и почнаа да истураат милиони евра за “рекламирање” во 1ТВ.

          Со таквиот начин на работа Боки 13 не измисли ништо ново. Таквото  “ рекламирање “ во Македонија  му е познато на јавноста не само од далечното, туку и од блиското минато, кога од страна на режимот на  Груевски,  во некои национални и локални  телевизии и печатени медиуми, на сопственици блиски до власта, се истураа милиони евра и подоцна сите завршија во стечај, без притоа никој од нив да одговара ни пред јавноста ни пред надлежните институции.

          Случајот “ Рекет “ наместо да не удри сите по глава, ни се продава како нешто веќе видено и вообичаено, по принципот “ Секое чудо за три дена”

          Владата  која до неодамна сесрдно ја поддржуваше Катица, по брза постапка, уште пред да биде утврдена нејзината (не)одговорност и вина, го укина СЈО и  (по)бара да го припои кон ОЈО за борба против оргазнираниот криминал и за нов обвинител ја предлага Вилма Русковска, која во претходниот период беше на списокот на неспособните, корумпирани, непрофесионални, лукреативни обвинтели и партиски послушници.

          На Македонија доста му е веќе од таков начин на разрешување и избор на обвинители.         На Македонија и се потребни храбри, чесни, професионални, непартиски… обвинители или судии, кои ќе гонат и судат по словото на законите, а не по директиви од седиштата на партиите.       Во спротивно од Македонија нема ништо. Нема да биде ни банана  држава, бидејќи сепак бананата е вкусно и посакувано овошје, кое носи задоволство, а не гнев, очај и разочараност кај граѓаните.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

error: Content is protected !!