.flexslider .slides img { width: 300px!important; height: 250px!important; display: block; }
Don't Miss
Home / Економија / Локалната самоуправа ќе ги охрабри домашните инвеститори во Жабени

Локалната самоуправа ќе ги охрабри домашните инвеститори во Жабени

Дали најавата на германската корпорација „Кромберг и Шуберт” дека наскоро ќе почне со изградба на нова фабрика во индустриската зона Жабени, во која вработување би нашле 1.500 нови работници, ќе ги осоколи и домашните инвеститори да почнат со градба на своите индустриски капацитети. Иако домашните инвеститори беа меѓу првите што купија парцели во Жабени, а најголем број од нив имаат извадено и одобрение за градба, сепак барем досега никој од нив не се охрабри да почне со градба на своите индустриски капацитети.

Ниту фактот што најголем број од нив, како и „Кромберг и Шуберт”, го купија земјиштето со почетна цена од евро за квадратен метар, ниту огромните поволности што ги понуди локалната самоуправа за ослободување од плаќање комуналии, во висина дури од 100 отсто за сите оние што ќе вработат најмалку 20 работници, не беа доволно стимулативни домашните инвеститори да почнат со градба на своите индустриски капацитети во индустриската зона.
Тампонирање на земјиштето

Единствената причина за нивната воздржаност беа трошоците што наводно требало домашните инвеститори да ги платат за подготовка на земјиштето. Според нив, со оглед на конфигурацијата на земјиштето во зоната, кое е доста депресирано, секоја локација за да се подготви треба добро да се наполни со тампон, кој на пазарот е многу скап, што во голема мера ја поскапува изградбата на објектите.
Токму затоа пред неколку месеци најголем број домашни инвеститори излегоа со свое заедничко барање до локалната самоуправа и Владата за покривање на дел од трошоците за набавка на тампон и побараа да имаат ист третман како и странските инвеститори.

– Доколку локалната самоуправа на Битола, заедно со Владата на Република Македонија, преземе барем половина од трошоците за тампонирање на земјиштето во Жабени, веднаш ќе започне изградбата на околу 20 индустриски капацитети на домашни инвеститори, кои имаат добиено одобрение за градба, но кои засега, поради скапиот тампон, сѐ уште размислуваат дали да почнат со изградба – беа конкретни домашните инвеститори во своето барање.

Ваквиот заеднички став, за кој добија поддршка и од Регионалната стопанска комора на Битола, тогаш му беше соопштен и на раководството на индустриската зона Жабени од страна на претставниците на домашните инвеститори.

kromberg

За да ги охрабрат да почнат со градба на своите индустриски капацитети, локалната самоуправа на Битола и градоначалникот Владимир Талески деновиве излегоа во јавноста со иницијатива за донесување нов пакет стимулативни мерки за инвеститорите во Жабени. Покрај постојната понуда за ослободување од плаќање комуналии за сите компании што ќе вработат најмалку 20 работници, во висина дури од 100 отсто, наскоро пред советниците на Советот ќе се најдат нови пакет-мерки, со кои ќе се стимулира градбата на домашните инвеститори.
– Да бидам искрен, за нас секоја инвестиција во оваа индустриска зона е добредојдена. Кога ја промовиравме идејата за изградба на Жабени во преден план ги имавме пред сѐ домашните инвеститори. Поволностите што ги нуди општината во индустриската зона не се само за странските инвеститори. Напротив, целта е во зоната, покрај странските, да градат пред сѐ домашните, чии инвестиции се добредојдени. Токму затоа за нив локалната самоуправа даде низа поволности, дури и до 100 отсто ослободување од плаќање комуналии, доколку инвеститорите ги изградат своите капацитети во предвидениот рок и би вработиле најмалку 20 работници. Наскоро на сите што имаат добиено одобрение за градба ќе им понудиме и финансиска помош, средства што ќе бидат само наменски за покривање на трошоците за подготовка на земјиштето – вели градоначалникот на Битола, д-р Владимир Талески.

Градот одвои сериозна сума за инвеститорите

Иако Талески до одлуката на Советот не сака да излегува во јавноста со колкави финансиски средства општината ќе ја стимулира градбата во зоната, сепак, според информации на „Нова Македонија”, се работи за сериозна сума, која градот ќе ја издвои од сопствениот буџет и која ќе им биде понудена на сите домашни инвеститори за да почнат со градба на своите капацитети.
Сепак, во локалната самоуправа велат дека кога станува збор за поволностите на странските инвеститори, во случајот „Кромберг и Шуберт”, тие не треба да се изедначуваат во никој случај со домашните, бидејќи дел од нив тие ги добиваат и од Владата. Но не треба да се заборави дека се работи за гринфилд-инвестиции, каква што е „Кромберг и Шуберт”, која чини над 20 милиони евра, а која во моментот вработува над 2.200 работници и која според инвестициските планови има сериозни намери да го зголеми својот капацитет за вработување на околу 4.500 работници. Ако се охрабрат да почнат со изградба на своите капацитети и домашните инвеститори, во Битола, ако не се реши целосно, тогаш барем во голема мера ќе се ублажи невработеноста, која е еден од најголемите и најсериозни проблеми со кои се среќава градот под Пелистер.

Инаку, во изградбата на индустриската зона Жабени општината Битола, заедно со Владата, вложи доста пари за урбанизирање на земјиштето. Благодарение на помошта од Владата, зоната е електрифицирана, изградена е голема трафостаница, донесена е вода, изградена е пречистителна станица за технолошка вода, одводна и фекална канализација, телефонија, направен е пристапен пат, а наскоро со средства од Европската Унија ќе почне изградбата на еден крак од железничката пруга Битола – Лерин.
За илустрација, во Жабени од страна на домашни и на странски инвеститори се купени вкупно 45 парцели. Меѓу инвеститорите што купија земјиште за изградба на индустриски капацитети, покрај домашните, ги има од Германија, Италија, Австралија и од Холандија.

 

Автор: Менде Младеновски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*