Home / Колумни / Партиите не се тие што судат и пресудуваат

Партиите не се тие што судат и пресудуваат

Кога политичките партии се во „војна“, најчесто прво „гине“ вистината. Во изминатиот период на македонската политичка сцена речиси сите политички партии, без исклучок, единствено се „доследни“ во својата недоследност.

Во зависност од тоа дали се на власт или во опозиција, тие така ги „дијагностицираат“ и „лекуваат“ состојбите во државата. Сега, кога СДСМ е во опозиција, за оваа политичка партија и нејзините лидери, во Македонија има „диктатура“, владее режим, судството е партизирано, администрацијата непрофесионална и партиска, медиумите цензурирани, демократијата на умирање… Или, ништо не е онака како што тоа го тврди власта!

Од друга страна, за ВМРО-ДПМНЕ судството е независно, државната администрација професионална, полицијата е деполитизирана и професионална, медиумите независни… Со еден збор, сѐ е обратно од она што го тврди опозицијата.

Ваквата нивна перцепција на општествената реалност, како резултат на различната (и тоа дијаметрално различна) политичка диоптрија, трае речиси цели две децении од македонската демократија. И тоа главно, или уште подобро речено во целост, зависи дали партијата што изразува став е на власт или во опозиција. Тоа е основната ракурс-позиција од која политичката партија ги гледа состојбите во државата. Но дали има и некоја друга позиција, друга диоптрија или друга реалност на општествените текови?
Деновиве уште еднаш, којзнае по кој пат, сме сведоци на однесувањето на т.н. исклучивост (крутост, ригидност, крајност) на македонските политичари. Наместо дијалог и барање решение за излез од политичката криза, која во голема мера ја поткоп(ув)а економијата, партиите забарикадирани во своите политички суети се последните што би требало да генерираат разни сценарија и предупредувања дека состојбите можат да ескалираат и да излезат од контрола и дека народот може да ја земе судбината во свои раце.

Но тоа што особено загрижува е што во овој период, додека кај нас се одвива т.н Шарена револуција, почнаа да функционираат „партиските револуционерни судови“, кои судат и пресудуваат по кратка постапка. Уште пред да почнат судските постапки и осомничените да ги дадат првите изјави пред надлежните истражни органи, тие веќе се осудени. За пресумцијата на невиност веќе не само што никој не зборува туку и не размислува.

Застрашувачки звучи, но многумина би рекле – веќе видено. И така во круг.

Сликата деновиве е само реприза на случувања што сме ги виделе во минатото. И во подалечната и во поблиската историја, кога наместо државните правосудни органи, на сцена стапувале партиските судови. Дури сега политичките партии меѓусебно се обвинуваат и за „амнестирањето“ и за „политички прогон“.
Така што она што го кажав на почетокот за диоптријата на политичката реалност, особено важи за перцепцијата за нашето судство. Па, сега, повторно важи оној став …„во зависност од тоа во каква улога ќе се најдат политичарите (позиција или опозиција), така го оценуваат и македонското судство“…

Еве уште една небулоза… Додека само пред извесно време гласно се одобруваа апсењата со упад во домовите на осомничените со специјалци, маскирни униформи и фантомки и се одобруваа мерките притвор, денес иако дел од осомничените пред истражните органи одат како на „корзо“, без лисици на рацете, придружувани само од своите адвокати, за политичките партии тоа е репресија, хајка, прогон. Наспроти поранешните оцени дека долгомесечните притвори не се класична казна туку дека се во согласност со одредбите од кривичниот закон, сега и одземањето на патната исправа се смета за политички прогон и репресија од страна на политизираното судство.

Да биде иронијата поголема, за разлика од опозицијата, која до пред извесно време со дрвја и камења фрлаше на корумпираното и партизирано судство, сега и власта го смени мислењето за (не)зависноста на судот и тврди дека тоа суди и пресудува под диктат на опозицијата. А кога таква слобода си зедоа партиите, тогаш не треба да се чудиме што и граѓаните, а особено „револуционерите“ од т.н. Шарена револуција почнаа да носат револуционерни пресуди, па без судење да пресудуваат. Токму поради сето ова што ни се случува судот е на сериозен испит.

Македонските судии, кои, освен ретки исклучоци, главно се компетентни, професионални и стручни, треба што поскоро да се свртат кон професијата и да судат единствено по словото на законот. Само на тој начин ќе ја вратат вербата на граѓаните во судовите, која, најблаго речено, во моментот е разнишана. Во спротивно сѐ ќе биде како и досега, кога судиите својата независност најчесто и најмногу ја практикуваат врз обичните смртници, зашто нив нема кој да ги брани и штити.

 

 

Автор: Менде Младеновски

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*