Home / Култура / Премиера на „Скршената стомна“ во Интимниот театар

Премиера на „Скршената стомна“ во Интимниот театар

Премиерата на новата, осма по ред претстава „Скршената стомна“ на независната театарска куќа „Интимен театар“ од Битола е закажана на 30 декември (петок) со почеток во 20 часот.

„Скршената стомна“ во режија на Софија Ристевска-Петрушева е правена по мотиви од Хајнрих Фон Клајст (германски автор од почетокот на 19 век) и авторски текстови на Билјана Крајчевска. Специјална гостинка е госпоѓа Летка Андреевска, која преживеала рак на дојка, но не дозволила болеста да ја скрши, а токму за тоа ќе говори во претставата.

– „Скршената стомна“, е претстава за човекот на дваесет и првиот век, којшто е претворен во шуплива кукла, манипулирана само и единствено од моќта на капиталот. Емоциите, љубовта и семејните социјални врски, сè поретко се појавуваат во секојдневието на човекот, што е пласиран и определен само и единствено од пазарот на трудот. Кариерата и финансиската моќ се ставени пред основните човечки начела и принципи. Инстант живеењето нè осакатува и нè претвора во осамени, егоистични и антисоцијални индивидуи. Во натпреварот за поуспешна и поисплатлива кариера, станува сè потешко да се создадат семејство и поколение, па оттука се поставува прашањето дали капиталот е доволно добар за да го замени нашето неродено дете, нашите љубовни врски… Дали капиталот е доволно емоционален да го замени човечкиот стремеж за социјална припадност? „Скршената стомна“ е расказ за изгубениот и заблудениот човек што нема капацитет да се бори, а секогаш го избира патот на финансискиот прогрес. Со помош на огромната индустрија, таканаречена „пластична хирургија“, надворешноста се доведува до перфекција, а душевноста затапува и го губи својот фокус. Оттука и идејата дека по улиците шетаат полумртви кукли, жртви на чудовишниот капитализам, што пополека се прекршуваат и ја губат својата животна рамнотежа, вели режисерката Софија Ристевска-Петрушева.

 

 

Б.В.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

error: Content is protected !!