Home / Uncategorized / Реализирани 140 проекти за развој на Новаци

Реализирани 140 проекти за развој на Новаци

Градоначалникот на Општина Новаци, Лазар Котевски, изминатите денови излезе со отчет за сработеното, нешто што во изминатата деценија откако на власт во општината е оваа локална самоуправа се практицира од страна на Општината под водство на Котевски.

Тој се осврна на реализираните проекти кои се од големо,  капитално значење за општината, од кои полза имаат овие и идните генерации кои живеат и работат во општината Новаци, но и целокупниот Пелагониски регион.

Градоначалникот Лазар Котевски, сумирајќи ги резултатите за оваа година, во услови на подолготрајна политичка криза, потенцираше дека 2016 година беше доста успешна за Општина Новаци, со вкупно реализирани 140 проекти.

-Бројката на реализираните 140 проекти во Општината Новаци, покажува само едно, дека годината што изминува 2016,  беше доста успешна за нас и речиси се што предвидовме во програмата го реализиравме. Оваа година за општината Новаци беше динамична и успешна, исполнета со многубројни активности од сите сфери на општественото живеење, година на подем, развој, која изобилуваше со финиширање на голем број завршени проекти, значајни не само за граѓаните на општината Новаци, туку и за целиот Пелагониски регион- истакна на прес-конференцијата во општинската зграда, првиот човек на Општината Новаци, градоначалникот Лазар Котевски.

Тој од реализираните 140 проекти ги спомна најзначајните од кои полза имаат сите жители. Во делот на инфраструктурата го истакна  локалниот пат Гнеотино-Брод-Делница во должина од три километри, чија вредност изнесува 23,5 милиони денари. Регионалниот пат Добромири- Клепач до Тополчани во должина од  19,5 километри во вредност од  1,5 милиони евра, средства од Владата на Република Македонија.

-Асфалтирање на патот кој води до манастирот во Скочивир, со што е направено поврзување на регионалниот пат Р2338 Кременица-Гермијан-Бач во должина од еден километар. Воедно асфалтирани се улици во селата Старавина, Зовиќ и Арматуш во вредност од седум милиони денари, реконструкција и санација на патот Гнеотино- Брод во должина од два километри што беше уништен од поплавите. Со буџетски средства од Општината изградени се улици во многу села согласно програмата за 2016 година. Асфалтиран е патот Рапеш- Старавина во должина од два километри. Изградена е улица во село Градешница – истакна градоначалникот Котевски.

Од инфраструктурните проекти ги посочи тротоарите  во селата Новаци, Добромири и Гермијан  во вредност од три милиони  денари, а се осврна на инфраструктурните проекти чија реализација е во тек.

-Изградена е атмосферска канализација во селата Далбеговци, Добромири, Горно и Долно Агларци, а извршено е чистење на 10-тиот канал во вредност од 400.000 денари. Исчистени се дивите депонии, изградени се велосипедски патеки во пет села.  Проекти кои се во тек на реализација се: реконструкција на регионалниот пат Р1311 Битола- Новаци- РЕК во должина од еден километер, кој беше уништен од минатогодишните поплави и чија санација треба да заврши до крајот на овој месец. Реконструкција на регионалниот пат Р2338 Кременица- Скочивир во должина од 18 километри и вредност од 300 илјади евра. Изградба на локален пат Тепавци – Ергела во должина од 2,5 километри. Во тек на изградба е локалниот пат Долно Орехово- Грумази во должина од шест километри. Потоа изградба на регионалниот пат  Р1311 Рапеш- Старавина во должина од три километри. Исто така во општина Новаци, во тек е подготовка на документација за изградба на канализациона мрежа во селата: Добромири, Рибарци, Бач, Гермијан во вредност од 15 милиони денари, средства обезбедени од грант од Светската банка. Од големо значење за жителите во општината Новаци е изградбата на ракометно игралиште во Долно Агларци, исто така со средства обезбедени од грант од Светската банка – рече во отчетот, градоначалникот на Општината Новаци, Лазар Котевски.

Како значајно за Општината Новаци, Котевски ја посочи изградената детска градинка во Новаци со пет милиони денари, средства од буџетот на Општина Новаци и реконструкцијата на Младинскиот културен центар во вкупна вредност од 5,3 мил. денари. Се градат тротоари во селата Новаци, Добромири и Гермијан  во вредност од три милиони денари.

Првиот човек на општината Новаци, градоначалникот Лазар Котевски на прес-конференцијата ги спомна и долгорочните капитални проекти кои ќе траат подолг временски период а веќе е започната нивната реализација.

Таков проект е пренесувањето на системот за наводнување Стрежево преку реката Црна и вишокот на вода од акумулационото езеро на РЕК. Реализацијата е веќе започната, вредноста на проектот изнесува 4,5 милиони евра а средствата ги обезбедува Владата на Република Македонија преку Министерството за земјоделство, шумарство и видостопанство.

Крупен капитален проект исто така е изградбата на Парноводот Новаци-Битола-Могила, кој покрај затоплување на станбени и деловни објекти, опфаќа и изградба на оранжерии и пластеници.  Вредноста е 58 милиони евра, средства од Владата на Република Македонија.

Градоначалникот Лазар Котевски ја посочи и реконструкцијата на црквата во село Градешница преку проектот “ Жива историја жива природа 2“ со средства од Европската Унија. Деминирање на месноста Змеица во Мариово,   Рекреативниот парк на реката Коњарка.

Мапирање и поставување знаци на територијата на општина Новаци во вредност од 15 илјади евра, поставувањето на пет сета маси и клупи на две локации и означувањето на места и локации остатоци од Првата светска војна на територијата на општина Новаци- посочи во отчетот пред јавноста, градоначалникот на Општината Новаци, Лазар Котевски.

 

 

 

В.М.Младеновска      

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*