Home / Колумни / СЈО како Алајбегова слама

СЈО како Алајбегова слама

                                   

          Откако Владата го отвори сајтот “отворени финансии “ македонската јавност е сведок за начинот на кој се трошени  парите на граѓаните.

            Деновиве бевме сведоци на шокантни примери како во времето на Груевски некои телевизии во Македонија добивале милиони евра за промоција на владините политики.

          Благодарение на сајтот “отворени финансии” дознавме дека Груевски за време на неговиот мандат им поделил на неколку свои телевизии, ни помалку ни повеќе, туку  26,5 милиони евра.

          И сега кога излегоа  на виделина тие толку многу скапо платени “реклами”  сосема им е јасно  и на тие што не им беше јасно  зошто години со ред неколку  наводно големи новинарски имиња од типот на Латас, Мирка, Јанко, Миленко,Ивона,  со години ни го миееја мозокот, фалејќи ја деноноќно, 24 часа на ден, седум дена во неделата, Владата на Груевски за големите наводни  успеси и резултати.

          И додека македонската јавност сеуште не беше освестена од шокот што го доживеа со скапо платените реклами на некои  телевизии, кои сега глумат професионалност и  етичност,  граѓаните на Македонија деновиве повторно  беа згрозени од тоа што можеа да го прочитаат од сајтот “ отворени финансии “ за тоа колкави бонуси примила специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева и  другите нејзини помошнички, како и најголемиот број од вработените во СЈО.

          Додека најголемиот број од обичните смртници во Македонија постојано се прашуваат  дали на први, или на  15 ќе добијат макар минимална плата и како да го поминат месецот, Катица и нејзините заменички, како и “ стручните лица” во СЈО,  покрај високите плати добивале и енормно големи бонуси и хонорари.

          Сега, кога на површина излезе безмилосното арчење на парите на граѓаните, од тие кои требаше да се грижат да се вратат украдените пари  од буџетот на државата, сосема ми е јасно зошто Катица   покрај лентите од прислушкуваните разговори  и платите во СЈО ги прогласи за државна тајна.

          Граѓаните на Македонија можеа да знаат колкава е платата на претседателот на државата, на премиерот, министрите, пратениците, градоначалниците, судиите, обвинителите… само не можеа да знаат колкава е платата на Катица и нејзината дружина.

          Но иако Катица ја криеше платата, сепак јавноста во Македонија знаеше дека таа беше една од најплатените личности во државата.

          И искрен да бидам се до излегувањето на виделина  случјат  “Рекет”  никој во Македонија не се бунеше дека Катица и останатите обвинител(к)и имаа високи плати.

           Јавноста во Македонија беше свесна дека тие како специјални обвинител(к)и,  кои требаше да расчистат со високиот криминал,  имаа(т) мошне опасна и ризична  работа и за таквата работа требаше да бидат  добро платени.

          Но по избивањето на аферата “ Рекет” се виде дека СЈО не било тоа што сите очекувавме и се надевавме  да биде и дека Катица како најодговорна во таа институција,  наместо да се бори против криминалот и корупцијата таа влегла во матни игри од кои настојувала лесно да извлече пари.

          Деновиве јавноста во Македонија од сајтот “ отворени финансии “ дозна дека Катица Јанева покрај  со високата плата и матните зделки со некои осомничени  во случајот “Рекет” , своите “витон чанти “ ги полнела и со пари од енеромно големите бонуси кои таа  дискертно ги добивала или делела како Дедо Мраз.

          И наместо надлежните истражни органи во државата, кои по описот и пописот на својата работа се повикани да расчистат со огромните милиони евра кои Груевски ги делел на некои телевизии, или со бонусите на СЈО, овие случувања на јавноста им се продаваат како нешто нормално.

          Едноставно тие не биле  скандали од кои треба да се потресуваме.

          Иронијата да биде поголема  некои политичари, а што посебно ме чуди, дури и премиерот Заев се обиде  да ги земе во заштита обвинителите и вработените во СЈО,  за кои има разбирање, бидејќи наводно парите  Катица ги делела од буџетот кој им бил одобрен од Владата.

          -СЈО беше создаден капацитет во оваа држава, а дали некој направил криминал треба да се докаже во институциите низ постапка и со докази.СЈО ги распределувало средствата од рамки на буџетот кој им бил доделен, рече Заев, истакнувајки дека не треба да се дозволи со леснотија да се гази институцијата СЈО, изјави Заев.

          Не знам кои се мотивате   што Заев се стави во одбрана на СЈО.

          Тој, кој се залага за разоткривање на криминалот најмалку има потреба од тоа. Покрај инволвираноста во случајот “ Рекет “ на Катца Јанева, со делењето на самата на себе стотици илјади евра бонуси, покажува дека  таа не била имуна  на парите.

          Тоа што Заев има разбирање за Катица и останатите обвинители, вработени што работеле тешки случаи  не дозволиле да излезат од СЈО некои приватни разговори, кои тие ги слушале, не е и не треба да биде оправдување ни за неа ни за останатите обвинители,бидејќи тие знаеја каква работна обврска прифаќаат да обавуваат и за која, за македонски услови дебело беа платени.

          А тоа дали обвинител(к)ите  благодарение на високите бонуси не дозволиле да излезат некои тајни разговори од снимките  во јавноста, најдобро знаат препродавчите на  снимките на “Битпазар” или Чакала, кои поседуваат илјадници разговори.

          Не држи воопшто вода  ни  оправдувањето  до држењето на тајна, зошто  во тој случај, колкави бонуси  би требало да имаат сите вработени во државата кои на овој или оној начин, по природа  на работите треба да чуваат некаква тајна. Тука мислам на вработените во ДБК, полицијата, судството, банкарите, лекарите, психолозите, па зошто не е и новинарите… кои на овој или, оној начин често пати доаѓаат до некои тајни.

          Кога сите тие би имале бонуси како Катица и останатите обвинители и вработени во СЈО,  прашање е дали на Македонија би и стигнал еден буџет од околу 4 милјради евра.

          Иако судскиот процес за случајот “Рекет” треба да ја утврди  вината на Катица Јанева и останатите обвинтел(к)и на СЈО, сепак барем  во овој момент, особено по информациите  кои и беа соопштени на јавноста за огромните бонуси  кои ги добивале,  мислам дека во овој момент  не треба  никој  да изигрува адвокат на Катица, најмлаку премиерот Зоран Заев.

          Не само заради  тоа што тој не и прави услуга со тоа, туку пред се заради тоа што таа, која ја изневери довербата на граѓаните и која  ја урниса надежда на граѓаните ,дека ќе расчисти со криминалот во државата, тоа не го заслужува.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*