Home / Култура / Tрето издание на „Битола Шекспир фестивал”

Tрето издание на „Битола Шекспир фестивал”

Со претставата „Антоние и Клеопатра“ во Битолскиот Народен театар, а во рамки на Битолското културно лето “Битфест 2015“, в среда во Битола започнува третото издание на “Битола Шекспир фестивалот“.

– Освен големата и квалитетна понуда, годинава фестивалот ќе биде во знакот на работилница посветена на иднината на овој фестивал. Имено, во соработка со интернационалните театарски институти од Скопје и Загреб и под водство на шекспирологот од Канада Рандал Мартин, ќе се реализира театарска работилница за создавање нов драмски текст инспириран од сонетите на Шекспир. Таа претстава, следната година, битолскиот театар во соработка со театарската компанија „Лит Мун“ од Санта Барбара премиерно ќе ја изведат во Македонија и САД, истакна Благој Мицевски, в.д. директор на Битолскиот театар.

На прес-конференцијата во Битола денеска беше истакнато дека поддршката на Министерството за култура и општина Битола овозможија поставување на фестивалот на цврсти основи и отворени врати на актерите и други театарски работници од државата и странство.

– Третото издание на „Битола Шекспир фестивал“ ја потврдува првичната идеја за новата театарска форма што се реализира во Битола и која претставуваше инспирација во Србија и Бугарија да се востановат фестивали посветени на Шекспировите дела. Соработката со овој фестивал е одлична и ќе продолжи со исто темпо, посочи битолскиот градоначалник Владимир Талески.

На Фестивалот, кој е во организација на Народниот театар од Битола, во периодот од 22 до 28 јули ќе гостуваат реномирани театри кои го негуваат творештвото на големиот Вилијам Шекспир.
Третото издание на „Битола Шекспир фестивал” се реализира со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.

 

Б.В.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*