Don't Miss
Home / Колумни / Црвениот тепих и нашата (не) култура

Црвениот тепих и нашата (не) култура

Не знам дали тоа ни е судбина или вродена, што би рекол Бранко, фабричка мана. Тамам се израдувавме дека, конечно, по големиот број респектабилни гости и присуството дури на тројца оскаровци, на 35. издание на Фестивалот на филмската камера “Браќа Манаки”, Битола барем малку ќе наликува на Кан, повторно ни се случија немили настани кои го фрлија во сенка целиот гламур што се случуваше не само на црвениот тепих, туку и внатре во салата.

Иако се беше подготвено за големиот спектакл, а инспиративната и трудољубива директорка на фестивалот Лабина Митевска успеа во Битола да ги донесе филмските ѕвезди Крис Менџис, Лука Бигаци и фантастичната Жулиет Бинош, најпрво пред самиот почеток на фестивалот, кога на црвениот тепих се наоѓаа претседателот на државата Ѓорге Иванов и прекрасната и непосредна Бинош, режисерот на филмот “До балчак”, Столе Попов, како мало налутено детиште, изнервиран од само нему познати причини одлепи и “до балчак” почна кавга со директорката на фестивалот Лабина.

Иако испадот на Столе Попов заслужува секаква осуда, бидејќи тој не го одбра ни времето ни местото да ги расчистува сметките со Лабина, за неговите неплатени долгови за време на снимањето на филмот, сепак, нему некако може и да му се прости за направениот испад, бидејќи режисерите се исти како и актерите. Некогаш се забораваат во своите улоги и прават сцени кои не се примерни.

Но тоа што се случи во салата на Центарот за култура, откако заврши официјалниот дел на програмата и кога добар дел од публиката немаше трпение од само неколку минути за да ја дочека проекцијата на филмот

“Облаците на Силс Марија”, заслужува секаква осуда.
Навистина е несфатливо како некои “вљубеници” во филмот не можеа да почекаат ни пет минути за да почне проекцијата на филмот, во која главната улога ја играше добитничката на најголемото признание на годинашниот фестивал “Браќа Манаки”, Жулиет Бинош.
За тие што не беа во салата и кои тоа не го видоа на малите екрани да потсетиме дека скандалот се случи веднаш откако водителот Петар Горко побара трпение од публиката додека екипата на МТВ си ги прибере камерите.

Во тој момент голем дел од публиката, која пред тоа трпеливо во ред чекаше да помине на црвениот тепих, без никакв срам и перде стана од седиштата и се упати кон излезот на салата и го напушти Центарот за култура. Таквиот потег навистина делуваше не само непримерно, туку и невоспитано, па дури и недораснато.

Ако славните оскаровци Бинош, Менџис, Бигаци и другите филмски работници поминаа илјадници километри лично да присуствуваат на годинашниот фестивал “Браќа Манаќи” и со своето присуство да го подигнат реномето на Фестивалот, навистина беше непримерно битолчани, или некои други гости, кои пред тоа “глумеа” големи вљубеници во филмот, да си заминат веднаш по завршувањето на официјалното прогласување на добитниците на наградите, без притоа да ги испочитуваат не само оскаровците, туку и големиот број други филмски работници, како и високите гости, претседателот на Републиката, Ѓорге Иванов, претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Велјановски, амбасадорката на Франција во Република Македонија Лоренс Оер.

Со масовното напуштање на проекцијата на филмот, тие покажаа дека не само што не го сакаат филмот, туку дека имаа единствена желба да поминат на црвениот тепих и да бидат видени во текот на директниот пренос и притоа да направат некои фотки кои ќе ги постираат на своите “Фејсбук” страници.
Очигледно ним до филмот и до филмската уметност, а уште помалку до историското дело на браќата Манаки им стало колку до ланскиот снег. Ним единствено им беше важно да ги прошетаат по црвениот тепих своите свадбарски тоалети и очигледно дента стокмените нови фризури. Таквиот нивни потег фрли црна дамка на отворањето на фестивалот.

Но тоа што најмногу ги иритира вистинските вљубеници во филмот и присутните во салата, а за што вина треба и мора да сноси и организаторот на Фестивалот, е што и овој пат како и во другите прилики, дистрибуцијата на влезниците одеше погрешно и голем број од влезниците завршија кај луѓе коишто не само што немаат врска со филмот, туку ниту ја сакаат филмската уметност.
Тоа што е најлошо е што тие луѓе покажаа и голема некултура и непочитување, бидејќи со своето заминување и неприсуство на проекцијата на извонредниот филм на Бинош, тие буквално не испочитуваа никого.

Оставајќи ги нивните седишта празни тие оставија празнина во душата кај сите присутни на проекцијата, а воедно и огромен револт кај сите искрени љубители на филмот во Битола, кои токму тој ден се обидуваа на секој начин да дојдат до влезница, притоа не прашувајќи за цена, но до неа никако не можеа да дојдат со објаснување од организаторите дека влезниците се одамна (про)дадени. Нивните места овој пат само за кусо ги зазедоа оние среќници кои сигурен сум дека тие влезници ги добија без пари.
Но тоа е тоа. Овој скандал треба да биде добра поука за организаторот на Фестивалот, во иднина добро да размисли кому му ги (про)дава влезниците, бидејќи никој нема право да си игра со реномето на фестивалот и по цена да ја плати влезницата, уште помалку ако до неа дошол без пари, или што би рекле битолчани муфте.

Менде Младеновски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*