Home / Македонија / Директорите на ФЗОМ ја посетија подрачната служба во Битола

Директорите на ФЗОМ ја посетија подрачната служба во Битола

Директорите на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) Сашо Стефаноски и Орхан Рамадани денеска остварија посета на подрачната служба на Фондот во Битола, и новоотворената аптекарска станица во село Могила.
Посетата е во рамките на новиот проект „Директорите на ФЗОМ директно со осигурениците“ кој почна минатата недела во Скопје, а денес продолжи во Битола, посочи директорот Стефаноски.
– Нашата цел е практикување транспарентно, принципиелно и отчетно работење во ФЗОМ и директно споделување на сите политики кои ги креираме на централно ниво со нашите подрачни служби, но исто така да овозможиме нашите вработени заедно со граѓаните директно да се вклучат со предлози и идеи во креирањето на здравствените политики на ФЗОМ во иднина, истакна Стефаноски.
На денешната прес конференција во Битола, директорите на ФЗОМ потврдија дека со измените во Законот за здравствено осигурување, само во Битола од кривично гонење и надомест на штета биле ослободени околу 700 лица кои дале изјава со невистинита содржина за остварените приходи во претходната година согласно прописите за придонесите од задолжително осигурување, а во тек се и подготовките за реализација на проектот, отпис на камати предизвикани од одреден долг кон ФЗОМ по основ на придонес.
Стефаноски нагласи дека со неодамнешните измени во Законот на здравствено осигурување од кривично гонење и надомест на штета се ослободени над 20.000 граѓани во Република Македонија, меѓу нив и околу 700 битолчани кои дале погрешни или лажни изјави.
– Денес во Битола воедно разговаравме и почнавме со подготовки за спроведување на проектот за отпис на камати кој првенствено ќе биде значаен за фирмите но и за индивидуалци кои создале одреден долг кон ФЗОМ по основ на придонес. Со новата законска измена што ја најави Владата, тие ќе може да поднесат барање до ФЗОМ и да се стекнат со право да им се отпише каматата а да го платат главниот долг на определен број рати со што ќе понудиме една добра мерка за сите фирми за решавање на овој проблем, предочи Стефаноски.
Директорите на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) Сашо Стефаноски и Орхан Рамадани ја посетија и новоотворената аптекарска станица во село Могила, во истоименета пелагониска општина.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*