Home / Македонија / И Широк Сокак тагува, почина Такец

И Широк Сокак тагува, почина Такец

Ин мемориам

Од пред три дена и Широк Сокак  во Битола не е  повеќе тоа што беше. На неговиот плочник го нема повеќе Димитар Димитровски – Такец, човекот кој и во својата  93 година  од животот битолчани имаа можност да го видат секој ден, како потпрен на неговиот бастун, се одмараше и собираше сила да ја испешачи својата позната тура.
Точно на 1 мај, на празникот на трудот, почина најтрудољубивиот новинар и хроничар на Битола, дописникот на “Нова Македонија”  Димитар Димитровски – Такец.
Скромно,  само во кругот на членовите на неговото најтесно семејство и пријателите со кои  секојдневно другаруваше, во семејната гробница, која претходно ја имаше подготвено,  беше погребан Димитар Димитровски – Такец.

 

Димитар Димитровски- Такец, доајен во битолското и македонското новинарство

Димитар Димитровски- Такец, доајен во битолското и македонското новинарство

 

Се пензионира како новинар, а за себе велеше  дека  не знае што е повеќе, новинар, поет, уметник, кант автор, публицист, документарист.
Но, секогаш сакаше да биде запаметен  единствено како Такец.
Таков беше,таков и остана.  Неговото име беше и ќе остане  заштитен знак на Битола.
Димитар Димитровски – Такец со своите 93 години беше  еден од доајените, не само на битолското новинарство, туку и на македонската журналистика.
Иако,  откако во 1985 година  се пензионира од весникот “ Нова Македонија “ поминаа децении, тој не престана да пишува. А негова вечна тема беше Битола.

Пркосејќи му на се, и на годините и на болестите,  тој се до последниот ден пишуваше, мислејќи дека има уште толку многу  да каже и напише за Битола.
Минатата година, иако длабоко навлезен во својата десетта деценија од животот  за роденденот на Битола, празникот 4 Ноември,

Такецот на својот град, му подари  луксузна книга

Такецот на својот град, му подари луксузна книга

, на цели 1.000 страници, насловена како “ Перформансите на Широк Сокак”, за која во негов стил велеше  дека ќе биде библија на градот.

За да остане доследен на својата оргиналност книгата ја испечати само во неколку примероци.

-Оваа книга иако е битолска, ги надминува границите и локални македонски,  а и балкански.  Внатре се  напишани текстови за сите битолски брендови, за Браќата Милтон и Јанаки Манаки,  Елени Каринте, Ататурк,  Шуман, старите битолски еснафи,  познатите битолски семејства, милуваше да  каже на промоцијата  Такецот.
На прашањето зошто “Широк Сокак “ е негова вечна тема  знаеше да каже.
-Широк Сокак е душата на Битола. Оваа улица треба да се заштити од УНЕСКО. На оваа улица е испишана најголемиот дел од историјата на Битола. На Широк Сокак секоја куќа, секој објект е историја. Јас би рекол дури и секоја коцка.

Таа не е само модна писта, како што велат некои, каде што од секогаш  само се “ корзирале”  убавите битолски девојки.

На оваа улица се пишувала историјата на градот. А јас, кој од своите 6 години  постојано се  движам по Широк Сокак мислам дека  бев најповикан да  ја напишам само дел од историјата на оваа
улица.
Димитар Димитровски – Такец  од 1955година. се до своето пензионирање  во 1985 година беше дописник на “ Нова Македонија “, во весникот на кој  сите му веруваа, па и тие кои не го читаа.

-Новинарството е најзаразна професија.Новинарството мислам дека е единствена професија,  во која нема стареење и времето не стои, велеше Такец.
Со смртта на Димитровски битолчани останаа без еден од најголемите хроничари на градската историја. Новинарите останаа без соговорник кој во малото прсте ги имаше информациите за градските пулсирања низ минатото.
 

 

 

М.М.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*