Home / Политика / Милошоски: Битола ќе добие спортски центар, две спортски сали, базен…

Милошоски: Битола ќе добие спортски центар, две спортски сали, базен…

Доколку ВМРО-ДПМНЕ на престојните предвремени парламентарни избори ја освои власта, Битола ќе добие неколку капитални купни проекти. Ова го истакна носителот на листата во петтата избирна единица на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија” Антонио Милошоски.

Тој на промоцијата на регионалниот изборен штаб во петтата изборна единица во Битола најави изградба на еден голем спортски центар, во кој што ќе има сала со шест илјади седишта, затворен пливачки базен со ватерполо димензии, сала за боречки вештини, како и една современа гимнастичка сала.

– Овој нов спортски центар мислиме дека ќе биде еден од најдобрите во Југозападниот дел на Македонија и достоен за големината на Битола и за спортот кој што тука секогаш имал корен – истакна Антонио Милошоски.

Покрај изградбата на овие капитални проекти, Милошоски најави и реконструкција на планинарскиот дом Копанки, кој пред повеќе од три години изгоре до темел, за што е веќе обезбедена и финансиска конструкција.

Зборувајќи за решавањето на проблемот со загаденоста на воздухот во Битола, Милошоски рече дека тој проблем ќе се реши со изградбата на магистрален гасовод, кој што од Неготино ќе доаѓа до Битола, а од Битола до Ресен и од Ресен до Охрид-Струга.

-Ќе направиме еден прстен, кој ќе биде користен преку дистрибутивна мрежа и од стопанските субјекти и од домаќинствата. На тој начин ќе имаме и поевтина енергија и почист воздх, а тие што произведуваат ќе имаат поевтин ресурс по конкурентен на пазарот – вели тој.

Милошоски на денешната промоција на регионалниот изборен штаб најави изградба на експресен пат, од Битола до Меџитлија, кој ќе се поврзува и со индустиската зона Жабени. Тој исто така рече дека ќе се обнови и железничкото поврзување од Битола кон Грција кон Солун.

-За градот Битола имаме проекти кои се дел од реалната програма на ВМРО-ДПМНЕ. Ние не ветуваме ридој и долини, но тоа што ќе го запишеме во програмата сакаме да го оствариме бидејќи овие избори не се ни први ни последни. Нас многу ни важи зборот, угледот, довербата на луѓето, а досега истата сме ја оправдувале и ќе продолжиме во иднина да работиме така – потенцираше носителот на листата во петтата изборна единица Антонио Милошоски.

 

 

Б.В.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*