Home / Македонија / Пивара Скопје донираше 100.000 евра за погодените во поплавите

Пивара Скопје донираше 100.000 евра за погодените во поплавите

Вкупно 100.000 евра донираа денеска Пивара Скопје и компанијата Кока Кола за населението погодено во саботното невреме.

Средствата се наменети за приоритетна поддршка на жителите, но и за логистика во справувањето со последиците од поплавите, а со нив ќе располагаат Црвениот Крст на Република Македонија и Управниот комитет за справување со кризи.

Пивара Скопје секој ден донира и по еден камион пакувана вода која се дистрибуира до најпогодените населби, а обезбеди и волонтерска логистичка поддршка.

– Ситуацијата е многу тешка, а материјалната штета огромна, но тоа не е најстрашно и ќе се надомести. Најтрагично е што се загубени човечки животи, изјави генералниот директор на Пивара Скопје Јован Радосављевиќ по посетата на централниот пункт на Црвениот Крст во Момин Поток.

Изразувајќи сочувство до семејствата на жртвите, Радосављевиќ нагласи дека Пивара Скопје се стави на располагање уште првиот ден по невремето.

– Финансиските средства се најмалку што можеме да направиме во овој момент. Нашите, преку 70 волонтери, секојдневно работат со луѓето од Црвениот Крст, пакуваат помош за најзагрозените и помагаат во испораката. Контактираме постојано и со градоначалниците на најзагрозените општини, напомена директорот.

Според генералниот секретар на Црвениот Крст Саит Саити, со издвоените финансиски средства, донацијата на пакувана вода, волонтерската работа и логистичката поддршка, Пивара Скопје и Кока Кола уште еднаш ја покажаа својата грижа за заедницата.

– И овој пат Црвениот Крст оствари тесна соработка со македонските компании кои покажаа дека се општествено-одговорни, подвлече Саити.

Одговорајќи на новинарски прашања за наводните шпекулации дека помошта не стигнува на местата каде што е најпотребна или дека селективно се дели, Саити потенцира дека е невозможно одеднаш да бидат опслужени 10.000 жители.

– Црвениот Крст секогаш ја дели помошта согласно своите принципи кои никогаш не ги делат луѓето по ниту една основа, но нереално е да бидат опслужени сите во исто време. Не е селективност ако во исто време не сме успеале секаде да стигнеме. Помошта секогаш се дистрибуира етапно, најпрво на 2.000 жители, па на уште толку… Го посетуваме секое семејство, така и ќе продолжиме. Активностите ќе траат подолго, ќе останеме со луѓето и кога ќе стивне интересот во медиумите, рече Саити и додаде дека допрва се обезбедуваат дополнителни донации, материјални средства, намирници,…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*