Home / Uncategorized / Подароци од свадбата ги донираа во Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух, говор и глас

Подароци од свадбата ги донираа во Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух, говор и глас

Водени од девизата дека секогаш е вистинското време да се направи нешто добро и дека нашето малку за некого значи многу, младата брачна двојка  Ана и Игор Стојанов деновиве  направија невообичаена донација и ги усреќија децата кои го посетуваат Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух и говор, глас  “Кочо Рацин” во Битола. Ана и Игор кои неодамна правеа свадба во Битола, претходно  на нивните свадбени покани, ги замолија нивните гости наместо да купуваат букети цвеќе или бонбоњери, да им подарат  детски играчки, сликовници и боенки кои тие подоцна ги донираа  за децата од Заводот “Кочо Рацин” во Битола.

-Секогаш е убаво чувството кога радоста и среќата ќе се споделат со некој друг. Токму затоа јас и мојот сопруг Игор се одлучивме на поканите за нашата свадба од нашите гости, наместо цвеќиња, бонбоњери да побараме детски играчки, сликовници и боенки со цел да им ги донираме  во Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух, говор и глас. Сите играчки кои ги собравме на свадбата,  ги дониравме и насмевките и радоста кај децата го исполнуваат срцето и радоста не може да се опише со зборови. Гостите не изненадија со позитивните реакции и големиот број на детски играчки кои ги донираа за дечињата. Овај наш гест убаво би било  да претставува  поттик за сите останати двојки  кои имаат намера да стапат во брак и да прават свадба да направат хуман гест и да направат нешто добро, да помогнат каде што е потребно, бидејќи секогаш е вистинскиот момент за да се направи добро хумано дело- изјави Ана Стојанов, инаку  новинарка  на регионалната  телевизија “Мега”.

Директорката на Заводот,  истакна дека ваква донација од двајца млади е реткост. Откако таа е на чело на Заводот, слична донација  се немало случено.

-Колегите ми кажаа дека слична ваква донација имале пред повеќе од една деценија и многу ми е мило и големо е задоволството и кај децата и сите вработени, што еден млад брачен пар се одлучи да донира на ваков прекрасен, несекојдневен начин. Овие детски реквизити ги користат сите деца, а најмногу оние кои имаат поголеми оштетувања на говорот и гласот- рече директорката, Анета  Ѓоргиевска.

Хуманата мисија  на Ана и Игор да биде поттик за младите двојки, во што поголем број да го следат нивниот многу позитивен  пример кој наиде на мошне позитивни реакции не само кај нивните пријатели и познаници туку и во поголемиот дел од  јавноста.

 

 

 

Текст:  В.М.Младеновска

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*