Home / Спорт / Срџан Захариевски нов тренер на Пелистер

Срџан Захариевски нов тренер на Пелистер

За фудбалерите на Пелистер одморот заврши. Десетте дена кои им ги даде сега веќе екс тренерот на Пелистер, Наџи Шенсои, кој по елиминацијата од Лех Познањ спогодбено ја напушти тренерската клупа на битолскиот прволигаш, завршија.

Денеска,  попладнето, точно во 17 часот, новиот тренер на Пелистер, Срџан Захариевски, кој  ќе го предводи тимот во новото првенство го означи почетокот на подготовките за новата сезона.

Со оглед на тоа што Захариевски речиси во минут до дванаесет се договори со Управата да биде на чело на стручниот штаб на Пелистер, тој првиот тренинг  им го препушти на  помошникот  Спасе Ристевски и кондициониот тренер, Петар Костовски.

Захариевски откако им се престави на играчите и даде изјави за медиумите првиот тренинг го следеше од резервната клупа, настојувајќи што подобро да ги запознае играчите.

На првиот тренинг се јавија сите фудбалери кои играа за Пелистер во минатата сезона.

-Дури имаме еден “прекуброен”, кој не беше член на тимот, а денеска ни се приклучи. Тоа е  фудбалерот Драгарски, кој по подолга пауза  поради повреда конечно се опорави  од повредите  и денес тренираше со играчите, во шега ни рече, Спасе Ристевски.

Инаку новиот шеф на стручниот штаб на Пелистер, Срџан Захареиевски  е екс репрезентативец на Македонија,  кој зад себе има богато фудбалско, но  некое поголемо тренерско искуство. Тој како тренер има работено исклучиво само во екипата на Металург, каде бил три години тренер.

Младиот  Срѓан Захариевски  потпиша договор на една сезона со опција за продолжување на соработката ако двете страни бидат задоволни по истекот на договорот. Захариевски ќе го наследи Наџи Шенсои, кој спогодбено го раскина договорот со Пелистер пред две недели, само четири дена по европската елиминација на „зелените”.

Срѓан Захариевски е надежен тренер кој во нашата ПМФЛ го водеше Металург, па ова му е втор предизвик. Целта е да го одведе Пелистер во Европа, по освојувањето на Купот во мај оваа година.

Поранешниот македонски репрезентативец ќе соработува со Петар Костовски и Спасе Ристевски, кои беа соработници и на Шенсои, а тренер на голманите ќе биде Горан Пашовски.

Во својата играчка кариера 43-годишниот Захариевски го носеше дресот на Силекс, Вардар, Тетекс и Металург во Македонија, Штутгарт во Германија, Кампомајорензе во Португалија, Родос, Докса Драма и Анегениси Кардица во Грција.

За македонската репрезентација Захариевски има одиграно  22 натпревари и постигнато вкупно  3 гола.

-Ми преставува исклучителна чест што ќе бидам на клупата на Пелистер. Пелистер е големо фудбалско име со богата клупска  историја. Во овој момент не би можел да зборувам многу за квалитетите на екипата, бидејќи со нив треба допрва да се запознам. Но мислам дека со поддршка на Управата и градот можеме да се избориме за повторно излегување во Европа.

Инаку се до последниот момент не се знаеше дали Захариевски ќе го преземи Пелистер, или клубот ќе го води друг тренер. Тоа пред се  зависеше  од финансикиот буџет кој треба(ше) сопственикот на клубот и општината Битола да го донесат за новата сезона.

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*