Home / Вести / Заев очекува покана за НАТО

Заев очекува покана за НАТО

Премиерот Зоран Заев е оптимист дека во првата половина од годинава може да се реши проблемот со името и дека Македонија ќе добие датум за почеток на преговорите и покана за членство во НАТО што позитивно ќе влијае и на економијата.

– Јас сум само обичен граѓанин кој има одредени резерви по сите прашања, а и по прашањето на името. Но едно знам дека оптимизмот кој го има и пријателството кое го создаваме ќе ни биде само од полза односно ќе овозможи поволни околности конечно да се изнајде решение на овој проблем, што Грција го има со нашето уставно име, рече Заев одговарајќи на прашање на денешната заедничка прес-конференција со министерот за финансии Драган Тевдовски.

Тој посочи дека пријателската атмосфера создава услови да се влезе во суштински разговори за проблемот.

– Македонија е решена во првотоо полугодие од годинава суштествено и вистински да навлезе во решавањето на проблемот со името. Убеден сум дека е можно да се најде решение, но за тоа секако е потребно подготвеност и од другата страна, рече и нагласи дека и кај другата страна постои оптимизам.

Нагласи дека токму за тоа се одлучил за нова година да биде во Солун и да испрати порака дека се политичари кои сакаат да ги отворат затворените порти на граѓаните за нивната соработка и дека се едноставни луѓе и оти немаат предрасуди.

– Во тој дел верувам дека ја подобрувам севкупната клима за решавање на прашањето и драго ми е што на двапати додека бев во Солун ми се јави министерот за надворешни работи  Никос Коѕијас и премиерот Алексис Ципрас. Сето тоа е само дополнителна потврда дека постојат извесни шанси  да се изнајде решение и на овој суштествен проблем, истакна Заев.

Нагласи дека и на грчката страна не и е лесно и оти за едни и за други мора да водат сметка политичарите од двете страни, бидејќи само преку таков однос, како што кажа, е можно да се најде решение.

– Дефинитивно 2018 може да биде одлична година за Република Македонија заради тоа што можеме да добиеме датум за отпочнување на претпристапните преговори со ЕУ, а можеме и да ја добиеме поканата од НАТО за полноправно членство. Со тоа дефинитивно и економијата ќе добие силен ветар во грб за да оди напред, а тоа ќе значи поквалитетен живот за сите граѓани, посочи Заев.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

error: Content is protected !!