Home / Вести / Битола го одбележа заштитникот на градот “Св. Нектариј Битолски“ (фотогалерија)

Битола го одбележа заштитникот на градот “Св. Нектариј Битолски“ (фотогалерија)

По повод одбележувањето на заштитникот на градот Битола – Св. Нектариј Битолски, утринава во храмот „Св. Великомаченик Димитриј“ се одржа литургија, на која чиноначалствуваше неговото високо преосвештенство, Владиката Петар, во присуство на голем број верници, меѓу кои и градоначалничката Наташа Петровска.

„Денес е празникот Св. Нектариј Битолски, заштитникот на нашиот град, ден кога треба да чествуваме и да се потсетиме дека само љубовта е онаа која што може да не води и само со неа може да успееме сите заедно. На таков начин може да направиме да е подобро за сите нас. Нека тоа биде водилка во следните 365 дена“, рече Петровска.

Владиката Петар ја истакна улогата на младите во денешното време на одржување на традициите и вредностите на христијанската православна вера.

„Св. Нектариј во најмладата возраст го напуштил светот и ја напуштил Битола, не за да ја заборави, туку за да и се посвети, да се моли за битолчани, па еве и до денешни дни, седум векови се моли за спасение на Битола. Мојата порака до младите е да ги запазиме христијанските вредности, вредностите на нашата света православна црква, или поточно, да направиме превреднување на вредностите, затоа што денес се измешаа работите до таа мера, што лагата стана вистина, клеветата стана поткрепа, злобата стана на некој начин зависност кај луѓето. Сите пороци се се поприсутни“, посочи г. Петар.

По одржаната литургија, се одржа литија низ битолските улици. Поворката, од храмот „Св. Великомаченик Димитриј“ се упати по улицата „Кирил и Методиј“, покрај Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“, до хотелот Епинал. Потоа, поворката продолжи по Широк Сокак и се врати во храмот „Св. Великомаченик Димитриј“. На пладне, во кабинетот на градоначалничката Петровска, се одржа средба со Владиката Петар и протоереј-ставрофор Никола Грамбозов, на која разговараа за актуелната состојба во Преспанско-Пелагониската епархија и МПЦ-ОА.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

error: Content is protected !!