Home / Uncategorized / Битола го празнува патронот на заштитникот на градот Св. Нектариј Битолски

Битола го празнува патронот на заштитникот на градот Св. Нектариј Битолски

Битола по единаесетти пат  го празнува својот светец-заштитник, Преподобен Нектариј Битолски. Одбележувањето започна синоќа со занаетчиската манифестација „Битолски еснафи“, во фоајето на Народниот театар во Битола, по што се одржа свечена културно уметничка програма, на која на самиот почеток се обрати градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска.

„Ближен не се станува со зборови, ближен се станува со искрена насмевка, ближен се станува тогаш кога без умисла подавате рака, ближен се станува тогаш кога неповратно давате помош. А токму тоа најмногу ни недостига во нашето општество во денешницата. Катадневно сме сведоци дека ни смета раската во очите на другиот, а не ја забележуваме гредата во нашите очи. Токму тоа треба да го промениме. Ако порано се пукаше со куршуми, денес сме сведоци и слушаме зборови полни со омраза, кои што се се, само не човечки. Тоа нешто, дали ќе го промениме или не, зависи само од нас. Просто не сакам да верувам дека постојат луѓе кои веруваат дека нечија несреќа би можела да донесе друга среќа. Ако сакаме да гледаме со надеж, ако сакаме да гледаме да биде поинаку, тогаш мора да тргнеме од себеси, да побараме извориште на љубов внатре во себеси и да ја извадиме љубовта од себе си и кога гледаме дека некој ја дарува, да ја гледаме како вредност.Само така можеме да имаме надеж за нашата утрешнина“, рече градоначалничката Петровска.

За значењето на Светецот, кој ја чува Битола, говореше неговото Високо преосвештенство, митрополитот Преспанско-Пелагониски и администратор Австралиско-Новозеландски г. Петар.

„Возљубени во Господа, браќа и сестри, денес го славиме патронот на Битола, кого го одгледала Битола, како што е опеано во неговиот тропар. Уште од многу млад се огледал кон Господа, се подвизувал најпрво во манастирот Свети Врачи кај Битола, заедно со својот замонашен татко Пахомиј, а потоа и на Света Гора. Во вечното Христово Царство заминал на 18 декември, денот кога и го славиме како наш заштитник“, посочи митрополитот г. Петар.

Во рамките на културно-уметничката програма настапија три црковни хорови, машкиот хор„Св. Ахил Преспански“ од Ресен, женскиот хор „Св. Злата Мегленска“ и машкиот црковен хор „Св. Нектариј Битолски“.

Одбележувањето на Св. Нектариј Битолски продолжи утринава со литургија во црквата „Св. Великомаченик Димитриј“, по што ќе се одржи литија низ битолските улици. Во 12 часот во кабинетот на градоначалничката Наташа Петровска ќе се одржи прием на неговото Високо преосвештенство, митрополитот Преспанско-Пелагониски и администратор Австралиско-Новозеландски г. Петар.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*