Home / Култура / Многу Љубов и овации на концертот на маестралниот Дуке Бојаџиев

Многу Љубов и овации на концертот на маестралниот Дуке Бојаџиев

Големата сала на битолскиот  Центар за култура  како да стана место каде се загарантирани фасцинантните  концерти на големите музички ѕвезди.

Со овации, возбуда кај публиката започна концертот во Битола на маестралниот Дуке Бојаџиев.

Овој најнов проект на Бојаџиев, уметникот кој веќе долги години живее и твори во центарот на светската култура, Њујорк,  е насловен „Сон, Верба, Љубов”.

Концертот на маестралниот Дуке Бојаџиев под диригентство на маестро Борјан Цанев, а гости се вокалот Крсте Роџевски, кларинетистот Исмаил Лумановски и перкусионистот Матијас Кунцли, кои исто така живеат и работат во Њујорк.

Тројцата се редовни соработници на албумските, филмските и концертните изданија на Дуке Бојаџиев.
„Сон, Верба, Љубов“ ја инкорпорира музиката што Бојаџиев ја создаде за филмовите „До Балчак“, „Сенки“ и „Војната заврши“, композициите од неговиот албум „Љубовта е патот“, како и нови, досега неизведени творби кои премиерно ги слушна публиката во Битола.

 

Вклучувајќи ги и аранжманите и изведбата, проектот може да се опише како вкусен спој на филмска, класична и изворна музика, и во него силно се чувствува поднебјето на авторот, односно духот на македонската традиција.
Покрај македонскиот традиционален звук, музиката на Бојаџиев опфаќа фолклорни елементи и од турската, ромската и албанската музика, кои авторот ги соединува во една автентична целина со современ пристап, и со тоа влијае на фузионирање на културното богатство на сите народности што живеат во Македонија.

 

Дел од композициите се збогатени со суфистичката поезија на големиот поет и филозоф од 13 век, Џелалудин Мевљана Руми.
Проектот „Сон, Верба, Љубов“ ќе заживее и на ексклузивен материјал, во форма на видео запис (ДВД) и аудио (ЦД) издание, со што ќе понуди можност за претставување на македонската авторска и традиционална музика и во светски рамки.

 

Б.В.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*